Нашиот најдобар возач во моментов, победи на првата трка од тековниот македонски шампионат, одржана во Кичево. Освен победата, на 23-годишниот Рико му припаднаа и најбрзиот круг, односно пол позицијата. Трилингот јасно зборува за доминантноста со која што тој извозе на првиот настап.
„Не сакам да потценувам никого, се натпреварувам со возачи од кои што често сум губел во минатото. Но, сепак нешто ми кажуваше дека ова ќе биде мој викенд. Возилата се одлично подготвени, Каприкорнус тимот од Србија заврши одлична работа. Очекувам да го повторам добриот настап и на следната трка, на 25 и 26 мај во Нови Сад“, вели Ристо Вуков.
Следува првата трка од српскиот шампионат, каде што Вуков исто така ќе се натпреварува, но таму конкуренцијата е посилна. Нашите возачи се исто така квалитетни, но во соседна Србија има многу повеќе возачи кои што имаат поголеми буџети.
Категоријата Југо Хибрид 1150 ccm3, каде што настапува Рико, е расадникот на сите таленти кои што произлегле од српската школа, на пример славниот Борковиќ, а таму се натпреваруваа и нашите Игор Стефановски Иџе и Виктор Давидовски кои што сега возат ТЦР шампионат.
„Во Србија трките се поинакви, таму се казнува секоја и најмала деконцентрација, се користи секој милиметар што му се остава на противникот тој да излезе пред вас. Затоа не смее да се загуби моментумот во ниту еден дел, од ниту еден круг. Таму, се вози на браник, што би рекле ние возачите“, истакнува Вуков.
Целта на Ристо Вуков, сезонава се титули во двете натпреварувања, отворените шампионати на Македонија и на Србија кои што ќе имаат и неколку комбинирани трки, на кои што ќе возат возачи од двете земји.
„На првата трка, во Нови Сад, би сакал да застанам на подиумот. Не знам дали тоа ќе биде првото, второто или третото место, но многу сакам да се најдам на подиумот. Мислам дека имам квалитет за тоа, мислам дека возилата се одлично подготвени, а сега веќе и тестирани на трката во Кичево. Очекувам возбудлива трка во Војводина, па нека победи најдобриот“, вели Вуков.
Ристо Вуков настапува во категорија во која што возилата само однадвор се југо, а под хаубата има околу 15-тина илјади евра во секое возило, кое што е подготвено со специјални тркачки делови произведени низ светски реномираните фабрики. Една сезона во оваа класа, чини меѓу 50.000 и 60.000 евра, што не е за потценување.
Шампионатот на Србија е екстремно возбудлив, во Македонија се очекува интересна сезона, а целта на Рико за следната сезона, е настап во ТЦР шрвенството во Европа или Италија, што е третото скалило на натпреварување во светот, ако се земат в предвид Формула 1 и ВРЦ како најдобри, односно ВТЦЦ и сличните натпреварувања како второрангирани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА