Нашиот најперспективен возач и шампион на Македонија и во Отвореното првенство на Србија за сезоната 2019, Ристо Вуков, ќе учествува на престижната и гламурозна трка на издржливост, „Галф 12“, која ќе се вози во Абу Даби на 13/14 декември.
„За мене е огромна чест и задоволство да учествувам на деветтото издание на реномираната и атрактивна автомобилистичка трка “Gulf 12”. Ќе возам за мојот нов тим, GDL Racing со кој следната сезона ќе настапувам во Porsche Carrera Cup GT3 2020“, истакна Вуков.
За него 12-те часа што ќе ги помине на трката во Персискиот залив ќе бидат огнено крштевање со новото Порше Карера 911, со кое ќе ги брани боите на нашата земја на најмалку 7 трки следната сезона.
„Ова ќе ми биде првото запознавање во реални услови, со новиот автомобил со кој се надевам ќе и донесам многу радости на Македонија на меѓународната сцена. На моја среќа, меѓу 37-те возачи кои ќе настапат на “Gulf 12”, ќе ја имам таа привилегија да се натпреварувам против седумкратниот шампион во Мото ГП, Валентино Роси, кој ќе вози Ферари“, додава Ристо Вуков.
Арапските земји се обидуваат константно да го собираат светскиот автомобилистички крем, се почесто создаваат пандани на големите и респектабилни настани кои се случуваат во Европа. Ова ќе биде одлична можност за промоција на квалитетите на Ристо Вуков Рико и на Македонија, меѓу светската автомобилистичка елита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА