Македонскиот претставник Ристо Вуков Рико извозе маестрална трка на патеката Мишелук крај Нови Сад и се радуваше на првата победа во овој град, во класата Југо хибрид 1150ццм3, во својата петта сезона во престижното натпреварување.
Најдобриот наш актуелен претставник во македонскиот и во српскиот шампионат, ја заврши трката во фото финиш битка со второпласираниот Часлав Тошиќ и третопласираниот Душан Настасијевиќ, двајцата истакнати домашни возачи. Вуков стартуваше втор и мудро ја возеше целата трка во завет зад лидерот и најдобар во квалификациите, Часлав Тошиќ, за да искористи еден момент кога му дозволи на третопласираниот Настасијевиќ да го оттурне одзади, при што го претекна Тошиќ и потоа не дозволи да го загуби првото место. Во последните пет круга, иако беа блиску зад Рико, сепак реално на Тошиќ и Настасијевиќ единствено им остана да се борат за второто место.
„Не очекував да победам, но потајно посакував тоа да се случи. Не можам да опишам како се чувствувам. По поминувањето на целната линија, врескав од радост и заплакав во кацигата, ме обземаа емоциите. Ова за мене е старт на сезоната од сништата, се надевам дека ќе продолжам со вакви резултати и на следните трки. Целта ми е следната сезона да влезам во ТЦР шампионатот како високопласиран во двете првенства во кои што се натпреварувам сезонава“ – Ристо Вуков, по победата во Нови Сад.
Ова беше 37-мо издание на традиционалната трка на Мишелук, на патеката имаше преку 10.000 посетители. На првите две трки, од македонскиот и српскиот шампионат, победи Ристо Вуков, од кого сега се очекуваат слични резултати и на следните трки (Кичево и Бања Лука).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА