Поранешниот македонски селектор Жарко Ристоски одлично стартуваше со работа во тимот на Танурине, со кој се натпреварува во Ф8 фазата од шампионатот на Либан.
„Морам да бидам задоволен од начинот на кој играме. Во фајнал-ејт фазата се играат седум кола, досега ние одигравме три натпревари и забележавме исто толку победи. Имавме две тешки гостувања, против главниот конкурент за влез на Ф4, Анвар, каде славевме со 2-3, а во последното коло на гостински терен го совладавме и долгогодишниот шампион Захра Ел Мина, триумфирајќи со 1-3 за големо изненадување во спортскат ајавност во Либан. Наша прва цел е пласман на Ф8, таа цел е исполнета, но сега сакаме да направиме уште еден чекор напред, да се пласираме на фајналфор турнирот“ – има причина за задоволство Ристоски.
Ристоски повлече одличен потег и со ангажманот на нашиот репрезентативец Јовица Симовски, кој по одличните настапи до лани во дресот на Ајачио сега е предводник на Танурине во атакот на највисок пласман.
„Добро го познавам Симовски и не се сомневав дека тој ќе биде големо засилување за нашиот тим. Игра во одлична форма, тој е најдобар одбојкар не само во нашиот клуб, туку и најдобар реализатор и сервер во лигата“ – Ристоски има само пофални зборови за македонскиот ас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА