Ристовска и Рапид со успешен старт во Лигата на Шампионите

Сара Ристовска имаше победнички камбек во Лигата на Шампионите откако македнската ракометарка летово се пресели во Рапид Букурешт по неколку сезони минати во ЦСКА Москва. Романскиот тим попладнево ја оправда фаворитската улога на домашен терен против Будуќност, славејќи над шампионот на Црна Гора со резултат 32-27.

Будуќност летово се соочи со огромни финансиски проблеми едвај се спаси од банкрот, но Црногорките во првото полувреме целосно му парираа на Рапид и на одмор се замина со израмнети 14-14. Како пресуден се покажа стартот на вториот дел во кој Рапид експресно стигна до „плус пет“ и потоа рутински ја одржуваше предноста до самиот крај.

Ристовска имаше мала минутажа, па македонската репрезентативка постигна само еден погодок, од крило во 58. минута од мечот. Најефикасни во таборот на Рапид беа Јањушевиќ со осум и Полман со пет погодоци, додека прв стрелец на Будуќност беше Ивона Павичевиќ со седум гола од осум обиди.

Се вчитува...