Нант на гостувањето во Лисабон ја победи Бенфика со 29-31, во деулот кој беше прва контрола за двете екипи во подготовките пред новата сезона. Воедно, ова беше дуел во кој на спротивните страни се најдоа двајцата македонски репрезентативци, Кире Лазаров во дресот на Нант и Борко Ристовски кој дебитираше на голот на Бенфика.
Францускиот состав кој е актуелен европски вицешампион, го доби првото полувреме со 13-17. Избраниците на тренерот Тиери Анти, доминираа и во вториот дел и ја запишаа првата победа во подготовките пред стартот на новата сезона. Бенфика на шест минути пред крај намали на гол разлика (26-27), но Нант го сочува водството до крај.
Долгогодишните репрезентативни колеги во македонската селекција и до лани клупски колеги во Барселона, овој пат се најдоа на спротивните страни во пријателскиот дуел на гостувањето на Нант кај Бенфика. Лазаров се подготвува за втората сезона во францускиот тим со кој лани стигна до финалето на Ф4 турнирот во Келн.
Борко Ристовски беше во стартниот состав на домашниот тим. Тој летово се пресели од Барселона во Лисабон и ова беше прв негов настап на голот на Бенфика. Македонскиот голман дојде како капитално засилување во лисабонскиот тим, во реализацијата на целта да ја освојат шампионската титула и титулата во Купот на Португалија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА