Незаменливиот во националниот тим Стефан Ристовски ја живее една од најплодните свои фудбалски години, по преселбата во Динамо Загреб. Успесите со „модрите“ сега заокружени и со пласманот на Европското првенство на кое десниот бек посакува Македонија да биде најголемото изненадување.
„Фудбалот е интересен затоа што има изненадување. Зошто ние да не бидеме најголемото изненадување на ЕВРО 2020? Ако се навратиме малку назад на годините, од противниците кои не очекуваат на Европското првенство, Австрија не победи убедливо во квалификациите но од тогаш помина многу време. Сега ние сме далеку поквалитетни како група, играме добро и нашата самодоверба е на многу повисоко ниво“ – истакнува Ристовски.
Стефан се потсетува и на својата реакција по убедливиот пораз од Австријците во Скопје…
„Бев незадоволен од поразот од Австрија. Јас сум долго дел од репрезентацијата и тогаш изреагирав како секој играч на кој му е криво да загуби така дома. Сепак, многу научивме од тој меч. Мислам дека тој натпревар ни беше еден вид консолидација, и потоа успеавме да ја исполниме целта пласман на ЕВРО“.
Македонската селекција, по подолго време, ќе игра пред публика утре против Словенија на првиот тест пред Европското првенство.
„Од поодамна нашиот најголем стадион не бил со публика. Се надевам дека ќе има уште некоја карта повеќе за да биде преубава вечер бидејќи нацијата заслужи да не глега после долга пауза“ – вели Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА