Динамо Загреб денеска објави интересно соопштение – дека капитенот Стефан Ристовски решил да го промени бројот на дресот. Ристовски со години ја носи тринаесетката на грбот, но со најновата одлука нашиот интернационалец во иднина ќе настапува со дресот со број 22.
„Нашиот Стефан Ристовски одлучи да го промени бројот на дресот и од денеска на грбот ќе го носи бројот 22. Поради пропозициите на УЕФА, тој на европските средби до крајот на сезонава ќе настапува со стариот број 13“, се вели во објавата на актуелниот првак на Хрватска.
Навивачите на Динамо Загреб еуфорично ја пречекаа оваа вест, бидејќи според нив таа е најава за мегатрансфер на нивниот клуб. „Модрите“ веќе подолго време се интересираат за голгетерот на Осијек, Рамон Миерез, кој според последните информации е многу блиску до преселба во Загреб.
Миерез во текот на целата кариера настапува со 13-ка на грбот, па јасно е зошто фановите на Динамо сметаат дека гестот на Ристовски е само најава за доаѓањето на најголемото засилување за нивниот тим пред клучните битки во борбата за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

