Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски в среда со својот тим Спортинг Лисабон повторно ќе гостува во Торино, од каде има убави спомени со настапот на македонската фудбалска репрезентација и ремито (1-1) против Италија. Португалскиот тим ќе ги одмери силите со Јувентус, а Стефан Ристовски се надева дека и Спортинг Лисабон ќе си помине убаво на резултатски план, како Македонија.
„Каков тим е Спортинг Лисабон? Многу силен тим, изграден да го освои првенството во Португалија, но и да стигне далеку во Лигата на шампионите. Секако, се надеваме дека ќе освоиме едно од првите две места во нашата група. Јувентус е фаворит, но и Италија беше огромен фаворит против Македонија, па видовме дека на теренот секогаш не победуваат фаворитите. Но, Јувентус дефинитивно заслужува максимален респект, тие имаат фантастични фудбалери во своите редови. Што се однесува до мене, се надевам дека ќе дојдам во Торино и дека ќе добијам шанса да играм. Но, се соочувам со потешкотиите што ги има секој фудбалер кога ќе ја промени средината. Се уште сум во фаза на учење на португалскиот јазик, за да можам да ги разбирам конкретно советите од тренерот Жорге Жесус“, изјави Стефан Ристовски за италијанските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА