Македонските репрезентативци Кире Лазаров и Борко Ристовски ја прославија новата шампионска титула со екипата на Барселона. Со победата на домашен терен против Бидасоа Ирун со 39-25 во натпреварот од 26.коло, Барселона ја обезбеди седмата последователна титула во шпанската АСОБАЛ лига.
Каталонците се неприкосновени во шпанското првенство со максимални 26 победи сезонава и со фантастична серија од 151 натпревар без пораз во натпреварите на домашна сцена.
Победата за шампионската титула во дуелот со Бидадоа Ирун, избраниците на Чави Пасквал, ја обезбедија уште во првата четвртина од натпреварот кога веќе се одлепија поведувајќи си13-5. На полувремето Барселона веќе имаше постигнато двојно повеќе голови од гостинскиот тим и предност од 24-12. Остатокот од натпреварот беше само рутинска потврда на победата и на новата шампионска титула за најтрофејниот шпански клуб.
Во отсуство на повредениот Гонзало перез де варгас, Борко Ристовски комплетно ја презеде одговорноста на голот на Барселона и го заврши натпреварот со 12 одбрани, а Кире Лазаров постигна четири гола во новата победа на Барселона. Најефикасен во домашниот тим бe[e Аитор Арињо со максимални седум од седум, Тимоти Нгесан постигна шест, а Ваел Жалуз додаде пет гола.
Вистинскиот предизвик Барселона ја очекува в недела на гостувањето против Кил во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите и борбата за пласман на Ф4 турнирот во Келн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА