Стефан Ристовски отпатува со тимот на Спортинг Лисабон за гостувањето против Олимпијакос во рамките од првото коло во Лигата на шампионите. Португалските медиуми најавуваат дека мечот во Атина ќе претставува и деби за македонскиот репрезентативец во дресот на Спортинг, откако тој околу еден месец по потпишаниот договор се уште не добива шанса од тренерот Жесус да ги покаже своите квалитети.
Сепак, овојпат ситуацијата е поинаква бидејќи првиот десен бек на Спортинг, Пичини, се повреди на последниот меч од португалскиот шампионат. Иако и Пичини отпатува за Атина, се најавува дека Жесус нема да ризикува со овој фудбалер, туку конечно ќе му даде можност на Ристовски.
Доколку овие најави се реализираат, Стефан Ристовски ќе има шанса да го одмазди својот поранешен клуб Ријека, кој беше елиминиран токму од Олимпијакос во плејофот за влез во Лигата на шампионите. Македонецот си замина од Ријека непосредно пред тој двомеч, но затоа утре вечер ќе добие шанса да настапи против грчкиот првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА