Ристовски: Младите да стават прст на чело, без борба не се игра ракомет!

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Борко Ристовски не влезе во игра на денешниот натпревар со Шпанија, но искусниот голман по мечот гласно ги критикуваше помладите ракометари за она што го прикажаа во второто полувреме од дуелот со „црвената фурија“.

„Ние и пред натпреварот велевме дека Шпанија е фаворит, не е срамота да е загуби од таква моќна селекција, но она што мене лично многу ме разочара е настапот на младите ракометари. Секој може да направи грешка, но да не постои борбеност, желба за дуел со противникот, цврстина во одбраната… Без борба не се игра ракомет, секогаш мора да се дава 100% од себе, а јас лично верувам дека ниту еден од нив не одигра на висина на она што го знае и умее. Не сакам сега да се фрла со дрва и камења по нив, но ова е една реална критика, нешто што тие како идни репрезентативци ќе мораат да го подобрат, инаку во иднина не ни се пишува ништо добро. Ние со години градиме еден имиџ на сериозна репрезентација и сакаме тој тренд да продолжи и во иднина, затоа и ме загрижува она што денеска го покажаа играчите кои треба да се носители на игата во иднина“ – истакна Ристовски.

Се вчитува...