ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Македонија заврши уште еден светски шампионат на 15. позиција, пласман кој е предалеку од сонот за олимписко учество на нашиот национален тим. Борко Ристовски денешниот меч го следеше од трибините отстапувајќи му го своето место на Даскалоски, но искусниот голман по натпреварот повторно проговори за младите играчи во репрезентацијата, не криејќи дека очекувал многу повеќе од нив на овој шампионат.
„Дека можевме подобро, сигурно можевме, дека имавме квалитет – имавме, дека ни снема сила дефинитивно ни снема. Сега е време да се биде реален, да се седне и во следните денови да се направи една реална анализа од сите оние кои се занимаваат со овој спорт и да се види каде ни е иднината и што треба да менуваме ако сакаме да одиме чекор понапред, во нашиот случај тоа е Олимпијада. Мислам дека тој чекор е многу многу голем и ќе треба напорна работа, пред се големо ширење на кадарот, за во оваа репрезентација да дојдат млади играчи кои навистина можат да помогнат, а не да бидат само бројки. Тоа е жално, не сакам сега да излезе дека ги напаѓаме помладите, сите чекавме поголема помош од нив, некои добија шанса, некои не, но кога тренерот нема доверба во вас тоа е сигурно поради некоја причина. Така што младите добија минутажа онолку колку што добија, но мислам дека мораа многу подобро да ја искористат за да бидат помош за целата репрезентација“ – изјави Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА