Стефан Ристовски им честиташе на шпанските фудбалери на заслужената победа, опишувајќи го денешниот ривал како „селекција од друга димензија во однос на сите останати“. Тој искажа жалење за слабата игра во првото полувреме, по кое поразот на Македонија на денешниот дуел беше неизбежен.
„Можеше да биде многу полошо резултатски. На полувремето се погледнавме меѓу себе во очи, си кажавме дека така не може да се продолжи, толку простор да им се остава на едни исклучително квалитетни фудбалери. Во вториот дел излеговме на теренот, бевме поагресивни, успеавме да постигнеме и погодок преку контранапад. Се обидовме и да израмниме, но верувајте, ова е неверојатна репрезентација, друга димензија од сите останати, не можеш да им се приближиш за да им ја одземеш топката, така што Шпанците навистина ја заслужија оваа победа“ – изјави Стефан Ристовски.
Десниот бек искрено го опиша и прекрасниот погодок на оваа средба, признавајќи дека не бирал страна, туку само настојувал да шутне најсилно што може.
„Трчав кон Де Хеа и само решив да шутнам најсилно што можам. За среќа, топката влезе. Не сум напаѓач, не сум имал премногу вакви шанси, па да бирам лево ило десно. Затоа само ја стегнав ногата и шутнав со сета сила, секако дека чувството кога топката ја видов во мрежата беше фантастично“ – изјави Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА