Борко Ристовски бранеше извонредно на синоќешниот дуел против Романија, широко отворајќи ги вратите кон претстојниот мундијал што ќе се одржи во Данска и во Германија. Македонскиот голман потенцира дека е важно да се цени огромната предност, поради фактот дека Романија не е така наивна репрезентација како што изгледаше синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој очекува многу посериозна игра од противникот на реваншот во Клуж, но очекува Македонија сепак да го покаже својот квалитет и да го осигура пласманот на СП.
„Ова е само прво полувреме, слушнав некои коментари дека можело да биде и 11-12 гола разлика… Сепак, да не претеруваме, не сме ние ни Шпанија ни Франција, така што мораме да бидеме задоволни со оваа позитива од осум гола. Романија не е толку слаба репрезентација колку што е впечатокот оставен денеска. Во Клуж не очекува далеку потежок натпревар, сигурно е дека противникот ќе одигра поквалитетно пред својата публика. Нивното најсилно оружје, бековите, немаа свој ден, но мислам дека тоа нема да биде случај во Романија. Сигурно е дека и ние можеме многу повеќе, треба да поправиме одредени слабости кои се појавија во овој меч, пред се во одбраната“ – изјави Борко Ристовски.
Македонските ракометари утре со чартер-лет патуваат за Романија, каде в среда во Клуж ќе ги бранат скопските „плус осум“ за одржување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања, со учество на СП 2019 што ќе се одржи во Данска и во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА