Стефан Ристовски, по освојувањето на шампионската титула со Ријека во хрватското првенство, е еден од оние македонски репрезентативци за кои постојано се најавува трансфер ова лето.
Но, Ристовски вели дека нема ништо такво во моментов, ја разгледува можноста за продолжување на договорот со Ријека на уште една година, а единствено е концентриран на настапот во Европа со хрватскиот шампион.
„Секој ден читам нешто за мене, и веќе ми е преку глава. Имам уште една година договор со Ријека, а водиме разговори за продолжување на договорот на уште една година. За мене Ријека значи многу, затоа сум максимално концентриран на настапите во Европа. Ако заминам од клубот сакам сите да бидат задоволни од тоа, не сакам од мојот трансфер да останат некои проблеми. Сега сакам да го дадам максимумот за Ријека, а ако дојде момент да треба да заминам тогаш сите заедно ќе седнеме и ќе го разгледаме тоа“ – вели Ристовски.
Хрватите во второто квалификациско коло за ЛШ ги очекува подобриот од пресметката меѓу велшки ТНС и гибралтарската Еуропа… Тоа дефинитивно не треба да е тешка задача за Ријека.
„На хартија сме фаворити но секогаш тоа треба добро да се одработи на терен. Големи ни се шансите да одиме во 3. квалификациско коло. Ако го минеме и третото коло веќе имаме сигурен настап во Лигата на Европа. Но, полека, мора да одиме од натпревар на натпревар“ – истакнува Ристовски.
Наскоро на Стефан во редовите на хрватскиот шампион треба да му се приклучи и неговиот помлад брат Милан кој треба да потпише договор за трансфер во Ријека од Работнички. Наредниве денови се очекува да биде заокружен договорот меѓу двата клуба и Милан Ристовски да се пресели дефинитивно во Ријека.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА