Лондонски Арсенал славеше со 0-1 на гостувањето против Спортинг Лисабон во дербито на Групата Е од Лигата на Европа.
На мечот на кој првото полувреме за Спортинг го одигра и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, „топчиите“ до триумфот дојдоа со голот на Велбек во 77. минута. Ристовски беше заменет на полувремето од мечот.
Динамо Загреб, пак, игра одличен меч на европската сцена оваа есен запишувајќи ја и третата победа во третиот меч од Групата Д. „Модрите“ славеа со 1-2 на гостувањето против Спартак Трнава во натпревар во кој сите 90 минути за гостите ги одигра и Аријан Адеми.
Цел натпревар за Фенербахче одигра и Елиф Елмас во истата група. Турскиот тим одигра без победник (2-2) на гостувањето против Андерлехт.
Во оваа група Динамо Загреб е во водство со 9 бода, и по 48 години би можел да дочека европска пролет. На второто место е Фенербахче со 4 бода, пред Спартак со 3 бода и Андерлехт со досега еден освоен бод.
Иван Тричковски го одигра целиот натпревар за АЕК Ларнака кој во Групата А пред своите навивачи одигра без победник (1-1) со бугарски Лудогорец. Во вториот меч од оваа група Цирих славеше против Баер Леверкузен со 3-2.
По три одиграни кола, на чело во групата А е Цирих со 9 бода пред Баер Леверкузен со 6 бода, а АЕК и Лудогорец имаат по еден освоен бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА