Директорот на Вардар, Борко Ристовски беше дел од панел дискусијата „Handball Talks“ во организација на специјализираниот регионален медиум за ракомет, „Balkan Handball“ каде говореше на повеќе теми, а една од нив беше и Вардар.
Ристовски кој веднаш по крајот на кариерата беше назначен на нова функција во клубот вели дека хемијата во тимот е на високо ниво и дека Вардар е на добар пат да ја врати титулата во домашното првенство.
„Имавме тежок старт на сезоната, клубот тргна по нов пат. Го реорганизиравме Вардар на сите полиња. Започнавме многу добро со доста нови спонзори и екипа која е многу млада и талентирана. Бргу успеавме да направиме тим во кој сите дишат како еден, а тоа не беше случај во изминатите години.
Ова е мал чекор кон нашите цели, да го вратиме Вардар каде што беше. Тргнавме добро, ги освоивме турнирот во Струга, па Суперкупот и забележавме позитивен двомеч со Еурофарм Пелистер. На добар пат сме во овој дел од сезоната. Ако не се случи некој пресврт, мислам дека сме на добар пат и пак да бидеме шампиони на Македонија“, вели Ристовски.
Поранешниот голман додава и дека клучен дел од иднината на клубот ќе биде и младинската школа која не беше активна во изминатиот период.
„Ја вративме својата академија која не беше активна, а сега базата е активна. Направивме спој на квалитетни македонски играчи кои можевме да ги доведеме, како и млади играчи од страна кои градат компактна екипа. Сите се желни да се докажуваат, тука се и во возраста“, додава Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА