Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, притоа осврнувајќи се, меѓу бројните теми, и на приоритетите на Министерството за наредната 2026 година.
Како што информираше Ристовски, вкупните субвенции за македонскиот спорт и за 2026 година остануваат како и досега, нешто над 700 милиони денари, или околу 12 милиони евра, со тоа што според Министерот мора да се промени начинот на субвенционирање. Односно, најголемите субвенции да ги добиваат оние кои покажуваат резултати!
„Заедно со оној дел средства од ‘Игрите на среќа’ кои одат кај спортските колективи, државата во 2025 година подели повеќе од 700 милиони денари директни субенции во спортот, што мора да признаеме дека не се малку. Но, клубовите и федерациите мора да разберат дека субвенциите од државата и од Министерството треба да се само дел од планираниот буџет на спортскиот колектив. Не може да постои 100% буџетски давател и примател на услугата. Ова мислам и на федерациите, не само на клубовите. Мора да си направат буџет пред почетокот на годината. Ако буџетот не знам, ајде сега, е илјада денари, од државата треба да добиете триесет – четриесет проценти, останатото треба да го обезбедите вие. Не може вие да креирате буџет на основа на средствата кои што ќе ги добиете од државата“ – вели Ристовски, и дополнува:
„Мислам дека помошта за следната година ќе се движи во истите рамки, околу седумсто милиони денари. Но, пак ќе повторам, ако е распределена на овој начин како досега, според мене, тогаш ќе ги очекуваме резултати коишто ги имаме и досега. Скромни. Меѓутоа ние во Министерството работиме интензивно и мислам дека до втората половина на март ќе биде презентирано и дадено на разгледување на консултација со сите клубови и со сите федерации новото решение за начинот на којшто мислиме дека треба да функционираат субвенционирањата во спорт, затоа што сами сте свесни дека вака како што е во моментов поставено, не дава резултат“.
Министерот за спорт, токму информираше и за приоритетите на Министерството во 2026 година…, меѓу кои, покрај промената на начинот на субвенционирање, и носење на новиот Закон за спорт.
„Еден од приоритетите на Министерството е создавање услови за спортот да може да се развива. Втор приоритет е носењето на новиот Закон за спорт и третиот сегмент, исто многу важен, е насочување на финансиската поддршка или тие субвенции на вистински начин. Ќе повторам, сега, како што се поставени работите, субвенциите одат многу дисперзирано, така да размислуваме според кој ќе биде малку поконцентрирано на сите оние кои што постигнуваат резултати, и резултатите да бидат единственото мерило за тоа кој ќе добива субвенции од државата. Тоа е тоа што ние како држава и како Министерство можеме да го понудиме. Сè останато, правењето резултати останува на клубовите, федерациите, младинските школи и така натаму“ – вели Борко Ристовски, и дополнува:
„Тоа се работите кои што ние како институција треба да ги правиме. Ние не можеме да создаваме играчи. Министерството не постои за создавање играчи. Вие добро поентиравте и кажавте дека спортот во овој момент резултатски, со мали исклучоци и блесоци, ни е во една многу лоша состојба. За да се подобри таа состојба мора да се констатираат фактите, а кога констатирате факти мора да го кажете и решението. И јас затоа го напоменав решението наше. За почеток или за продолжување на ова е да создадеме услови за да може спортот да се развива. Ако не создаваме ние млади таленти, ако не создаваме спортисти кои што ќе настапуваат надвор од Македонија и во Македонија, и кои што ќе генерираат успех, не може да очекуваме и подобрување на спортот“.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛОТО НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

