Работнички имаше најмногу среќа при ждребот за квалификациите за Лигата на Европа, па „романтичарите“ силите ќе ги одмерат со вицешампионот на Сан Марино, Тре Пене. Оваа екипа минатата сезона го загуби и тронот во домашното првенство, што е јасен доказ за падот на овој ионака аматерски клуб од Сан Марино. Во клучниот натпревар фудбалерите на Тре Пене несреќно загубија од Ла Фиорита, водејќи 1-0 од првата минута, за да примат гол во четвртата минута од судиското продолжение. Ла Фиорита со тој погодок го одведе мечот во продолженија, каде во 111. минута со нов погодок стигна до титулата. „Романтичарите“ ќе мораат да внимаваат на Андреа Морети, кој постигна 21 гол за Тре Пене, со што беше најдобар фудбалер на својот тим минатата сезона.
Тре Пене минатото лето беше дел од квалификациите за Лигата на шампионите, во првото коло губејќи од ТНС со 2-1 на гостувањето во Велс, а потоа и со 0-3 на домашен терен во Сан Марино.
Малер во финишот од сезоната го следеше и ривалот на Шкендија, со оглед на фактот дека Дачија на 30 мај играше мајсторка за титулата во Молдавија против Шериф. Мечот заврши 1-1, но Шериф славеше по подобро изведување на пенали, па Дачија наместо во квалификациите за ЛШ ќе игра во квалификациските рунди за Лигата на Европа. Дачиа минатата сезона беше дел од истото натпреварување и веќе на стартот беше елиминирана од Капаз од Азербејџан, ремизирајќи на првиот меч на гостински терен 0-0, за потоа неочекувано да загуби пред своите гледачи со 0-1.
„Пелистерци“ го добија најмалку посакуваниот противник, ако се знае дека Лех до самиот крај на сезоната беше во игра за шампионската титула во полското првенство. Станува збор за тимот со најдобра одбрана во Полска (22 примени гола на 30 натпревари), а најдобар стрелец е 34-годишниот Марсин Робак, кој ланската сезона ја заврши со 18 постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА