Ривалството Надал – Федерер низ 35 бројки

Погледите на светската спортска јавност утре изутрина (9.30 часот) ќе бидат насочени кон Мелбурн, каде ќе бидеме сведоци на „тениска класика“ и нова пресметка меѓу големите ривали, Роџер Федерер и Рафаел Надал. Нема сомнеж дека двајцата врвни тенисери повторно, како и многу пати досега, ќе понудат тенис за уживање, а во пресрет на нивниот 35. официјален дуел, еве интересна најава преку 35 бројки поврзани со Федерер и Надал.

35 – Роџер Федерер има 35 години и доколку триумфира ќе стане втор највозрасен освојувач на гранслем турнир во „новата ера“, зад Кен Роузвол, кој во 1972 година го освои Австралија опен на возраст од 37 години и два месеци.

34 – Во 34. дуел меѓу Федерер и Надал, одржан во Базел во 2015 година, славеше Швајцарецот за својата седма титула на „домашниот турнир“.

33 – Федерер ја прекина серијата на Надал од фантастични 33 победи на земјена подлога кога го совлада Шпанецот во финалето во Мадрид во 2009 година.

federer i nadal

32 – Најдолгата серија победи на Надал изнесува 32, во 2008 година, при што шпанскиот тенисер три пати го совлада големиот ривал, во Хамбург, на Ролан Гарос и на Вимблдон.

31 – Надал имаше серија од 31 победа на Ролан Гарос пред неочекувано да загуби од Робин Содерлинг во 2009 година.

30 – Ова е првпат по 2002 година (Агаси – Сампрас) двајцата финалисти на еден гранслем турнир да имаат над 30 години.

29 – Роџер Федерер имаше 29 победи во низа на Мастерс-турнирите пред да загуби од Надал во финалето во Монте Карло во 2006 година.

28 – Надал има играно на 28 турнири на тврда подлога, од последниот освоен пехар во Доха во јануари 2014 година.

27 – Федерер играше четири гранслем финалиња на 27-годишна возраст, триумфирајќи на три од нив, додека Надал на свои 27 години играше три гранслем финалиња, стигнувајќи до два пехари.

federer

26 – Федерер има забележано 26 победи (наспроти 20 порази) во мечеви кои се решени по пет сета, вклучувајќи ги тука победите над Надал во Мајами во 2005 и на Вимблдон во 2007 година.

25 – Надал се искачи на второто место на АТП-листата на 25 јули 2005 година и мина рекордни 160 недели на оваа позиција пред конечно да го мине Федерер и да се искачи на врвот.

24 – Федерер имаше неверојатна серија од 24-0 во финалните мечеви од октомври 2003 до ноември 2005.

23 – Надал има забележано 23 победи, наспроти само единаесет порази во дуелите со Федерер. Ако се земат во предвид само мечевите во Мелбурн, тука Шпанецот има скор 3-0, триумфирајќи со 3-2 во финалето во 2009, со 3-1 во полуфиналето во 2012 и со 3-0 во полуфиналето во 2014 година.

22 – Надал е рекордер во Дејвис-купот, каде има 22 победи во низа во сингл и дубл, но никогаш во ова натпреварување ги нема одмерено силите со Федерер.

nadal melburn

21 – Овие двајца ривали досега се имаат сретнато во 21 финале на турнирите ширум светот, при што Надал води со 14-7, вклучувајќи ги тука победите на Австралиа опен, Ролан Гарос и на Вимблдон.

20 – Федерер важи за одличен сервер, но против Надал тој сервирал над 20 аса само два пати во досегашните 34 меча, во финалињата на Вимблдон во 20007 и во 2008 година.

19. Надал има скор од 19-8 во мечевите во кои играл пет сета. Тој добил вакви дуели против Федерер во Рим во 2006, на Вимблдон во 2008 и на Австралија опен во 2009 година.

18. 18 август 2008 е датумот кога Надал конечно го мина Федерер на врвот на АТП-листата, прекинувајќи ја серијата на Швајцарецот од 237 седмици како прворангиран светски тенисер,

17. Федерер е 17. носител на овој турнир и ако стигне до титулата ќе биде шампион со најслаб ранкинг откако Гастон Гаудио како 44. светски тенисер го освои Ролан Гарос во 2004 година.

16. Швајцарскиот ас падна на 16. место на АТП-листата на 7 ноември миинатата година, по четиринаесет години како дел од Топ 10 елитата на светскиот тенис.

15 – Роџер Федерер нема освоено трофеј цели 15 месеци.

14 – Надал е рамо до рамо со Пит Сампрас со 14 освоени гранслем трофеи во кариерата (три помалку од Федерер).

13 – Нивниот прв меѓусебен дуел беше одигран пред 13 години, кога 17-годишниот Надал го шокираше првиот светски рекет Федерер со 6-3, 6-3 во третото коло од турнирот во Мајами.

federer i nadal

12 – Ова ќе биде нивна 12. битка на гранслем турнирите, што е трет најчест дуел во историјата на најсилните турнири (Федерер – Ѓоковиќ 15 и Надал – Ѓоковиќ 13).

11 – Федерер во кариерата 11 пати го совладал Надал, но само две од овие победи се случиле во последните пет години (Индијан Велс во 2012 и Базел во 2015).

10 – Ако Федерер успее да стигне до титулата, тој ќе се искачи на десеттото место на АТП листата (ќе биде 14. доколку загуби)

9 – Последниот деветти носител (како Надал годинава) кој стигнал до гранслем титула е Џим Куриер, на Ролан Гарос во 1991 година. Последниот 17. носител (како Федерер на овој турнир) кој освоил трофеј на гранслем турнир е Пит Сампрас во 202 година.

8 – Надал и Федерер досега имаат одиграно осум меѓусебни гранслем финалиња, што е рекорд во светсксиот тенис.

7 – Минаа седум години откако Федерер ја освои својата последна титула на Австралија опен.

Nadal

6 – Надал има скор од фантастични 6-0 во последните шест гранслем финалиња против Федерер, по поразот на Вимблдон во 2007 година (3-0 на Австралија опен, 2-0 на Ролан Гарос и 1-0 на Вимблдон).

5 – И двајцата тенисери загубија по пет сетови на патот до ова финале.

4. Федерер во случај на победа би бил првиот тенисер по Матс Виландер (Ролан Гарос, 1982 година) кој на патот до трофејот елиминирал четири тенисери од Топ 10.

3. Надал се обидува да стане само третиот тенисер на сите времиња, прв во „Модерната ера“ што има по најмалку два трофеи од сите гранслем турнири. Претходно ова има успеало единствено на Рој Емерсон и на Род Лејвер.

2. Само двајца тенисери досега во кариерата имаат освојувано гранслем пехари како тинејџери, со полни 20 години и со наполнети 30 години – Кен Роузвол и Пит Сампрас. Надал се обидува да се приклучи на ова елитно друштво.

1. Двајцата големи асови минаа долго време на првото место на АТП-листата, Федерер е рекордер со вкупно 302 недели на врвот, додека Надал е седмопласиран на „вечната листа“ со вкупно 141 недела како прворангиран светски тенисер.

Се вчитува...