Во очекување на конечната одлука на ЕХФ околу неодиграниот натпревар од финалето на Европскиот куп меѓу Алкалоид и грчки АЕК, кој синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје не се одигра поради откажувањето на гостинскиот тим, од РК Алкалоид со соопштение во кое се заблагодарија на поддршката од повеќе од 6.000 навивачи вчера во нашиот најголем спортски центар, но и на поддршката која безрезервно доаѓа од цела Македонија.
Од Алкалоид уште еднаш потенцираат дека финалниот натпревар, за жал, не се одигра не по вина на домаќинот кој се погрижи да има беспрекорни услови за спортско надигрување.
„Почитувана публико… ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот. Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила. Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид!“ – се вели во соопштението од Алкалод, кое е еден вид благодарност за сите ракометни фанови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

