РК Алкалоид успеа да го „урне“ и Бутел

Ракометарите на Алкалоид стигнаа до шестиот триумф сезонава во ракометнат Суперлига, откако во дербито на осмото коло во крајно тврд и неизвесен натпревар славеше над Бутел со 21-19.

Првото полувреме помина во игра во која доминираа двете одбрани, а нападите не беа расположени за игра. Домаќините подобро го отворија натпреварот и брзо стигнаа до водство од 4-1. Сепак, во продолжението уште дополнително падна темпото на играта па двата тима по 30 минути игра имаа по едноцифрен број на постигнати погодоци (9-9).

За разлика од првото полувреме двата тима напаѓачки многу подобро го отворија вториот дел. По само шест минути веќе постигнаа по третина од головите во целото прво полувреме, па во 36. минута резултатот на семафорот изнесуваше (12-12). Алкалоид првпат до два позитива (14-12) во вториот дел стигна во 40. минута од второто полувреме со погодокот на Мартин Серафимов. Оваа разлика „фармацевтите“ ја одржуваа во следниот период и во последните десет минути влегоа со предност од 19-17.

Во следните девет минути мируваа мрежите, а со голот на Симоновски на 60 секунди до крајот Алкалоид поведе со 20-17 и ги реши сите дилеми околу победникот. До крајот Бутел постигна два, а Алкалоид еден гол за конечни 21-19.

Мартин Серафимов со седум погодоци беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените со шест гола заврши Филип Николов.

Се вчитува...