Од таборот на РК Е. Пелистер информираат дека ракометарот Дејан Манасков бил повикан само на информативен разговор во СВР Охрид по инцидентот по мечот во Охрид и нападот на помошниот тренер на охриѓани, Крсте Андоновски.
„Ракометарот на Еурофарм Пелистер – Дејан Манасков беше повикан на информативен разговор во СВР Охрид, по што е пуштен дома, ги демантираме сите медиуми, дека нашиот ракометар е приведен“ – информираа од РК Е. Пелистер.
Претходно, и од СВР Охрид, официјално пренесоа информација дека екс-репрезентативецот Дејан Манасков завршил во полициска станица откако крилниот играч на „пелистерци“ бил приведен поради физички напад врз помошниот тренер на Охрид. А, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
„На 14.12.2025 година во 20.20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола. Тој, по завршување на ракометен натпревар што, денеска се одржуваше во спортската сала „Биљанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб. По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“ – извести портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

