Натпреварот помеѓу РК Еурофарм Пелистер и РК Мешков Брест во четвртфиналето од СЕХА лига сепак ќе биде одигран без присуство на публика во салата „Боро Чурлевски“, информираат од клубот.
Најавите беа дека ќе биде дозволено присуство на 500 симпатизери на клубот за мечот против еден од најголемите клубови кои гостувал во Битола, меѓутоа властите на РМ не дале „зелено“ светло за организација ниту за оние кои имаат примено две вакцини за Ковид-19.
Целото соопштение на РК Еурофарм Пелистер можете да го прочитате во продолжение:
„Почитувани,
РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека ја повлекува продажбата на билети за натпреварот од четвртфиналето на СЕХА Гаспром лигата меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест. Причината е недобивањето „зелено светло“ од сите потребни институции за организација на натпреварот во време на ковид-пандемија.
Клубот искрено жали што не доби „зелено светло“ за одржување на натпреварот со присуство на гледачи со вакцинален сертификат во спортската сала „Боро Чурлевски“. Би сакале да ги потенцираме вистинските вредности на спортот, па доколку постои и најмала закана по здравјето на нашите граѓани, ние ќе ги следиме упатствата на надлежните. Веруваме дека наскоро ќе можеме да ви се обратиме со позитивни вести и враќање на гледачите во салата, нешто што нестрпливо го чекаме повеќе од една година.
РК Еурофарм Пелистер уредно ги вакцинира своите ракометари, ги следи упатствата на надлежните и ќе продолжи да ги применува потребните протоколи донесени во време на пандемијата од ковид-19“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА