Ракометниот клуб Охрид избра нови членови на одборот на директори на денешното вонредно Собрание на клубот. За нов извршен директор избран е Игор Бежоски, актуелен секретар на Општина Охрид. За претседател на клубот избран е Горан Лекоски од локалната самоуправа, додека нов член на одборот кој доаѓа како претставник од општината е Горан Недески.
За време на Собранието прво беа констатирани оставките на досегашниот извршен директор на бордот на директори на клубот, Љупчо Танески, кој останува како член во УО како претставник на општина Охрид, како и на членовите Сашо Донев и Тони Ивановски.
Новиот директор Бежоски изрази благодарност за дадената доверба, посочувајќи дека не се работи за целосно нова управа, тука за реорганизација во која има промена само на тројца членови од редовите на основачот.
„Членовите од бизнис секторот остануваат исти. Наша прва задача како нова управа е да направиме скенирање и стабилизирање на состојбата од финансиски, технички и спортски аспект. Откако ќе направиме ревизија на состојбата ќе ги одредиме следните чекори. Исто така, наша цел е заедно со играчите и стручниот тим успешно да ја завршиме натпреварувачката сезона и да се обидеме да обезбедиме излез во Европа“, истакна Бежоски за локалните медиуми.
Бежоски додаде дека клубот во иднина ќе се фокусира и на работа со младинските категории, со цел да произлезат повеќе играчи кои ќе ги бранат боите на РК Охрид и ќе бидат носители на тимот.
“Подмладокот е основа на секој клуб на кој планираме во иднина да ги поставуваме темелите на постоењето на РК Охрид. Општина Охрид и понатаму останува еден од главните финансиери и помагатели на клубот за што одвојува значителен износ на средства од буџетот со што се овозможува финансиска подлога за нормално функционирање на клубот. Меѓутоа, ја користам приликава да ги повикам и сите љубители на спортот во Охрид, особено бизнис секторот да помогнат во границите на нивните можности, со цел овој спортски клуб и во иднина биде најдобар на територијата на Општина Охрид. Да помогнеме сите заедно да направиме спортски бренд од РК Охрид. Охрид заслужува да биде спортски град. Целта на клубот е да остане стабилен прволигаш со редовно учество во плејофот и излез на евросцената“, додаде Бежоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА