Пелистер играше извонредно во првиот дел од сезоната, но падот во формата на битолскиот клуб во последните неколку месеци е очигледен. Јасно е дека голем дел од причините се поврзани со заминувањето на Стевче Алушовски од тренерската функција, со кого дојде до разделба без оглед на лидерската позиција на табелата, но битолчани тврдат дека Алушовски не бил избркан од клубот, туку тој самиот решил да си замине.
„Сакавме да разговараме со Стевче Алушовски при самото наше доаѓање во клубот, пред се за желбите за засилување на играчкиот кадар. Тој побара тројца играчи, а се работеше за Дарко Димитриевски, Костадин Петров и Мартин Јовановски. Ги донесовме Петров и Јовановски, а Димитриевски не беше да биде ангажиран бидејќи веќе имаше договор во Израел. Тој сакаше да биде и повеќе од тренер, а ние имавме зацртан план, кој ќе раководи со тимот, а кој ќе преговара за ангажман на играчите. Потоа, само што ја споменавме можноста за разгледување на неговиот договор тој реши да си замине. Сакаме тоа да биде јасно, ние не го избркавме Алушовски од функцијата тренер, тој самиот си замина“ – изјави директорот на клубот, Златко Димитровски.
Воедно, тој изрази благодарност до Томче Петрески што го прифатил предизвикот да се врати во Битола иако во овој период имаше успешен ангажман во странство.
„Петрески имаше клуб во Мароко и бележеше одлични резултати. Ја препозна ситуацијата во која се наоѓаме и прифати да дојде и да помогнем. Благодарни сме му и ќе ја цениме неговата лојалност, тоа е нешто многу важно во нашиот клуб“ – порача Димитровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА