Ракометниот клуб Пролет преку соопштение до јавноста се осврна на вчерашниот натпревар против Бутел, по кој гостите испратија официјален приговор за времето и за судењето и бараа да биде поништен последниот гол што Пролет го постигна од пенал, по црвениот картон што беше доделен за наводно задржување на времето во последните секунди од страна на Мирко Мајиќ.
Скопскиот клуб јасно стави до знаење дека ферплејот во ракометниот спорт треба да биде начело број еден, порачувајќи до надлежните органи да ја прифатат жалбата на Бутел.
Соопштението на РК Пролет го пренесуваме во целост:
„Како клуб со традиција долга повеќе од 60 години, наше основно начело отсекогаш бил спортскиот ферплеј и сме се раководеле преку истиот без оглед на моментите резултати шти биле остварувани.
Токму поради тоа, непријатно сме изненадени од случувањата во самиот финиш на вчерашниот натпревар меѓу РК Тинекс Пролет 62 и РК Бутел, како и од реакцијата на гостинскиот клуб по неговото завршување. Многу полесно ќе беше мечот да го одиграме в сабота и Бутел да биде без важен играч во своите редови, но постапивме крајно спортски и излеговме во пресрет на нивното барање натпреварот да го закажеме за недела.
Начелото на ферплеј и покажување на големина и во победи и во порази е нешто што РК Пролет го красело и се уште го краси, тоа го демонстрираме и во овој случај…
По консултациите извршени во рамките на нашиот клуб, наша препорака е жалбата на РК Бутел да биде прифатена и дуелот да биде регистриран со резултат 22-23, поништувајќи го со тоа последниот гол од пенал за израмнување.
Грешките се составен дел од секој спорт, па и од ракометот, не сакаме да биде покажувано со прст кон било кој како виновник за финишот од мечот во нашата сала „Македонско Сонце“.
Резултатот во случајов не е толку важен колку респектот што треба да се гради меѓу сите чинители во македонскиот ракомет. Затоа што мак-ракометот е многу повеќе од една победа или пораз“.
Со почит,
РК Пролет 62
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА