РК Пролет предлага: Титулата за Металург, Вардар секако ќе игра во ЛШ

Ракометната сезона е во прекин на неодредено време, а раководството на РФМ се уште е во дилема дали и како да го финишира шампионатот. Проблем претставува фактот дека двата клуба со најголеми буџети, Вардар и Пелистер, поради настапот во СЕХА-лигата сезонава немаат ниту еден единствен настап на домашната сцена, но според дел од останатите тимови тоа не треба да се зема во предвид при кроењето на табелата. Директорот на РК Пролет, Сашо Огњеновски, смета дека сезоната треба да се прекине, а рангирањето да биде она од моментот на прекинот – што би значело дека шампионската титула ќе заврши во витрините на Металург.

За нас како клуб ситуацијата е кристално јасна, услови за играње ракомет ќе нема во блиска иднина и затоа бараме сезоната да биде прекината. Закажување на турнири во текот на летото, за што неофицијално се говори во ракометните кругови, би значеле и нарушување на регуларноста бидејќи дел од тимовите ќе настапуват со различни состави од оние во кои ја играат оваа сезона. Што се однесува до титулата, единствено логично решение е да му биде доделена на Металург. Тоа е тимот што играше на домашната сцена, собра најмногу бодови и секоја друга одлука на оваа тема би била погрешна. Тоа е тажната реалност во оваа ситуација, сезонава е загубена и треба да се заврши предвреме, за ние како клубови да почнеме да се подготвуваме за новата сезона“, вели Огњеновски.

Првиот човек на Пролет потенцира дека со доделувањето на титулата на Металург нема да влијае врз учеството на Вардар во Лигата на шампионите следната сезона.

„И на последното Собрание бевме сведоци како Вардар и Пелистер жестоко се борат да останат дел од СЕХА, за сметка на македонското првенство. Целата ситуација е неочекувана за сите нас, но воедно и треба да се извлече полука – зошто нашата домашна лига треба да биде приоритет за сите. Можеби по ова и клубовите ќе увидат и ќе се приклучат на иницијативата на мнозинството, во Супер-лигата да учествуваат од стартот на сезоната, а не да се приклучат директно во плејофот. Исто така, треба да разграничиме една важна работа, Металург треба да е шампион бидејќи е најдобар во домашното првенство. Што се однесува до ЛШ, таму сигурно ќе има место за Вардар бидејќи ЕХФ ќе дели вајлд-карти за учество, а една дефинитивно ќе биде резервирана за тимот со две титули во претходните три сезони“, објаснува Сашо Огњеновски.

Се вчитува...