РК Пролет се збогуваше од Јовиќ: Сите сме во шок… немаме зборови да ја опишеме загубата…

Ракометниот клуб Тинекс Пролет преку соопштение се збогуваше од својот тренер Александар Јовиќ, кој почина рано утрово во својот дом во Скопје.

Раководството на клубот и сите ракометари се во шок од големата загуба, губејќи пријател кој остави силна трага за една година колку што мина во семејството на РК Пролет.

Соопштението на скопскиот суперлигаш го пренесуваме во целост:

„Тинекс Пролет со огромно жалење ја информира јавноста за прераната смрт на нашиот тренер Александар Јовиќ. Сите сме во шок од информацијата добиена утрово, дека Јовиќ во раните утрински часови го загубил животот, иако само неколку часа претходно ги водеше тренинзите на нашата екипа.

Немаме зборови да ја опишеме загубата, не само за нашиот клуб, туку и за целокупниот македонски ракомет, врз кој Ацо Јовиќ остави длабока трага и како играч и како тренер.

Александар Јовиќ помалку од една година беше предводник на нашата прва екипа и работеше со младинските категории во тимот, секогаш импесионирајќи со желбата да се помогне на секој играч да напредува во кариерата. Името на Јовиќ засекогаш ќе остане запишано во историјата на нашиот клуб, како синоним за беспрекорен професионалец кој живееше за ракометот.

Искрено сочувство до семејството,
РК Тинекс Пролет

Се вчитува...