РК Струга стартуваше со подготовките за новата суперлигашка сезона. Стружани имаат засилен тим, нов тренер и поголеми амбиции за претстојната сезона во која се приклучуваат во суперлигашкото друштво.
Нови имиња во составот на Струга се македонскиот младински репрезентативец Ненад Костески од Металург 2, голманот Никола Кизиќ и десниот бек Стефан Трпчески кои доаѓаат од Вардар јуниор и грузискиот лев бек Лексо Цигелишвили. Тренерот Андон Бошковски најави дека деновиве ќе биде комплетиран тимот со уште двајца млади македонски ракометари.
„Фокусот ќе биде на македонските ракометари, со евентуално 1-2 помлади странски играчи, како што е Цигелишвили кој е втор лев бек во репрезентацијата на Грузија. Одиме полека, прво да се стабилизира клубот, па понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Нови сме во Супер лигата и примарната цел е да опстанеме во прволигашката конкуренција. Но, ако се отвори шанса сигурно дека ќе атакуваме и ќе се бориме и за нешто повеќе“ – истекнува Андон Бошковски.
Новиот проект во РК Струга зад кој како претседател на клубот стои поранешниот македонски репрезентативец, Наумче Мојсовски, пласманот во Супер лигата и поддршката што ја има клубот, создаваат позитивна атмосфера уште на стартот од подготовките.
„За мене ова е еден голем предизвик, најмногу заради Мојсо кој се зафати со овој проект. Има убава, позитивна атмосфера во и околу клубот што е уште еден голем плус во целата оваа приказна. Само како илустрација, на првиот тренинг имавме повеќе од 200 луѓе во публика“ – вели Бошковски.
Во рамките на подготовките пред новата сезона, РК Струга и годинава ќе биде домаќин на Традиционалниот меѓународен струшки турнир од 15 до 19 август. Првата проверка РК Струга ќе ја има во натпреварите во групата со српски Железничар, Констанца од Романија и со шведскиот Алингсас што секако ќе биде драгоцено искуство за струшкиот тим пред настапот во домашната Супер лига.
По завршувањето на турнирот, од 23 август тимот продолжува со подготовки во комплексот „Гогов“ во Пехчево. Како што најави тренерот Андон Бошковски, пред стартот на сезоната на 5-6 септметври, во план е одигрување на уште еден контролен натпревар, најверојатно со грчки ПАОК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА