Ракометниот клуб Вардар преку соопштение до јавноста одговори на прозивките од страна на големиот ривал Е. Пелистер, кој се жалеше на привилегиран статус за скопските екипи (Вардар и Алкалоид), кои би имале ден повеќе за одмор бидејќи своето полуфинале според објавениот распоред би го играле в четврток, додека Е. Пелистер и Тиквеш ќе ги одмерат силите в петок.
„Црвено-црните“ во манир на голем клуб ги отфрлаат обвинувата од битолчани дека се привилегирани, туку напротив – даваат предлог мечот со Алкалоид да се презакаже за петок.
Соопштението на РК Вардар го пренесуваме во целост:
Ракометниот клуб Вардар секогаш го поддржувал спортскиот ферплеј, се залагал на терен да се реши кој е подобар. Работиме секогаш во интерес на ракометот и сакаме да придонесме тој да го задржи приматот на најуспешен екипен спорт во Македонија. Сакаме ракометните натпревари да бидат интересни, неизвесни и квалитетни, и да привлечеме нови млади да се занимаваат со спорт.
Пред нас претстојат натпреварите од Купот на Македонија каде Вардар е убедливо најуспешен колектив со 16 титули. Мораме да потенцираме, дека нам никогаш не ни требало ниту пак сме барале да бидеме привилегирани на ниту било кој начин. Имало многу случаеви кога сме реагирале на неправди и сме се залагале за еднаквост. Ниту сме некоја „засегната страна“ ниту пак „привилегирана“. За нас сите клубови се исти, сите ни се пријатели и спортски ривали.
Сакаме и бараме сите клубови да бидат подеднакво третирани, и на терен да покажат колку се подготвени, и колку вредат. Вардар многупати досега докажал дека е подготвен да игра во секави услови, за да го потврди својот квалитет, и да победи. Сме биле во многу незавидни ситуации, со „десеткуван“ тим, со различни проблеми, под притисок, но секогаш сме излегувале на терен да се бориме. На крај, ни честитале за нашиот успех, или пак ние сме му честитале на нашиот ривал.Така ќе биде секогаш.
Сакаме да ја поздравиме идејата натпреварите од Купот на Македонија да се одржуваат заедно со мечевите на женските учесници, и од Куп мечевите да се обидеме да направиме да бидат ракометен празник. Сакаме и треба да помогнеме и женскиот ракомет да се издигне на нивото на машкиот, односно убава идеја што натпреварите би се играле во „Борис Трајковски“ каде се играат и мечевите на репрезентацијата.
Иако идејата е добра, мораме да напоменеме дека за ова требаше малку порано да бидат известени сите клубови за да може подобро да се организираат, но и да се објасни замислата за ваквата промена. Во иднина ваквите предлози треба однапред да бидат презентирани пред клубовите, и заеднички да се најде решение за секоја идеја која е добра за македонскиот ракомет.
Како вистински спортски џентлмени и во интерес на задоволување на сите барања и засегнати страни, сакаме да го предложиме следново:
Доколку се согласи нашиот противник во полуфиналето, екипата на РК Алкалоид, ние како клуб сме подготвени нашиот меѓусебен натпревар наместо во четврток како што претходно беше најавено од страна на РФМ, да го одиграме ден подоцна во петок. Иако ќе имаме ден помалку за подготвување за следниот меч, сметаме дека Вардар е доволно квалитетен и тоа нема да му пречи.
Сакаме да докажеме дека спорсткото витештво и борба на терен секогаш треба да бидат приоритет, за секој клуб, секој спортист. На крајот нека победи подобриот.
Со почит,
РК Вардар1961
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА