До вчерашниот селектор на Азербејџан, хрватскиот стратег Роберт Просинечки ќе биде новиот предводник на Словенија, тврдат словенечките медиуми. Шпекулациите велат дека по завршувањето на квалификациите за Светско првенство, Просинечки постигнал преддоговор со словенечката федерација, па хрватската фудбалска легенда во најскоро време треба да седне на „жешкото“ столче.
Ќе го менува Сречко Катанец, поранешниот селектор на македонската селекција, кој најави заминување од репрезентацијата пред крајот на последното коло од квалификациите.
Покрај екс-фудбалерот на Црвена ѕвезда, како потенцијални кандидати се спомнуваат и Матјаж Кек и Дарко Миланиќ, но Просинечки се чини како вистинскиот избор. Популарниот „Жути“ бил препорачан од словенечката фудбалска легенда, Бранко Облак.
„Не е Катанец виновен што повторно доживеавме неуспех, туку челниците кои му дадоа нов мандат. Сметам дека е време и фудбалската федерација да тргне по патеките на кошаркарската и ракометната федерација, и да ангажира странски селектор. Кошаркарите го имаа Кокошков, со кого направија незаборавен успех на Евробаскетот, додека Веселин Вујовиќ прави револуција во ракометниот национален состав. Роберт Просинечки е идеално решение, за мене тој беше најдобар фудбалер. Ако е приближно добар во селекторска улога, може да ја води селекцијата со една рака“, истакна поранешниот играч на Хајдук и Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА