Селекторот на македонската фудбалска репрезентација поради добиениот трет жолт картон на дуелот со Белгија нема да може од клупата да го предводи националниот тим на утрешниот нов квалификациски дуел на гостувањето против Казахстан во Астана кој го играме од 16 часот.
Па, на денешната прес-конференција во Астана своите очекување ги сподели неговиот прв асистент во македонската селекција, Роберт Стојановски, кој потенцираше дека со максимална почит се пристапува на утрешниот противник.
„Знаеме дека Казахстан е добар тим. Ги почитуваме и нема да ги гледаме претходните нивни натпревари, но едноставно очекуваме пред се свое најдобро издание“ – рече Стојановски, кој беше запрашан и околу фактот дека сега репрезентативците ќе играат на терен со вештачка трева.
„Подготвени сме да играме на кој било терен, сите наши играчи се професионалци. Немаме проблеми. Ако зборуваме за мотивација, кога се игра во репрезентацијата секогаш има желба за играње, и тоа никогаш и никаде не се доведува во прашање. Што се однесува до нашата тактика, ќе одлучиме по тренингот. Репрезентацијата на Казахстан претставува навистина квалитетна селекција која се потпира на колективот и не можам никого посебно да издвојам“ – дополни Стојановски.
Македонската селекција за утрешниот дуел нема да може да смета на повредените Бојан Димоски и Исник Алими, како и на десниот бек на Струга ТЛ, Бојан Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

