Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, најави дека би можел на дуелот против Англија во последното коло од групната фаза на Светското фудбалско првенство, да изнесе комплетно поинаков состав во однос на првите две среби. И двете селекции веќе имаат обезбедено место во осминафиналето, а пресметката в четврток ќе го одреди освојувачот на првото место.
Мартинез има тројца играчи кои веќе имаат жолти картони, а Лукаку и Азар се пожалија на ситни повреди.
„Ако ме прашувате за секој фудбалер поединечно, би рекол дека секој од нив заслужува да игра на Светското првенство. Затоа ми е важно да им дадам шнаса на сите и да видам како реагираат на теренот и колку можат да придонесат. Така гледам на моменталната ситуација“ – изјави Мартинез.
Винсен Компани би требало да се врати во составот на Белгија откако поради повреда ги пропушти дуелите против Тунис и против Панама. Капитенот на Манчестер сити вчера првпат по доаѓањето во Русија, тренираше со тимот.
Лукаку се здоби со повреда на глуждот во победата над Тунис, додека Азар кој како и Лукаку на таа средба постигна два гола, има проблеми со мускулот на ногата.
Победникот од пресметката меѓу селекциите на Белгија и на Англија ќе го освои првото место во групата и во осминафиналето ќе вкрсти со второпласираната селекција од групата Х. Во случај на нерешен исход би можело да се случи решавачки да бидат картоните со оглед дека двете селекции имаат идентична гол разлика.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА