Данците внимаваат на Бојан Миовски како на главна закана по нивниот гол на утрешниот бараж, но исто така се свесни какви проблеми може да им создаде Лирим Ќамили.
Затоа што овој дуел ќе биде од посебно значење за македонскиот репрезентативец кој е роден во Данска, настапува во оваа земја во дресот на Сондерјиске, а сега ќе има можност да го загорчи животот на оваа селекција.
„„Ќе лажам ако кажам дека ми е сеедно, излегувам на терен во земјата во кој сум роден и во која израснав, да играм против таа репрезентација. Сепак, таков е животот не професионалниот фудбалер, излегуваш на терен и даваш се за твојот тим да победи. А мојот тим е репрезентацијата на Македонија и јас сум подготвен да го дадам својот максимум. Што ќе се случи ако утре дадам гол? Па мислам дека нема да плачам…“, коментира Ќамиљи во изјава за данските медиуми пред утрешниот меч во Копенхаген.
Домаќинот во изминатите денови често се жалеше на проблемите во одбраната, но Ќамили смета дека таквите изјави се претерани.
„Ние имаме максимална почит кон противникот. Знаеме колку е силна Данска. Се жалат на повредите во одбраната, можеби и повеќе отколку што треба бидејќи ако им го видите списокот се забележува дека имаат толку многу врвни фудбалери на сите позиции, играчи кои настапуваат во најсилните лиги. Затоа, не обрнуваме внимание на изјавите од противничкиот табор туку сме фокусирани на нашите подготовки“, порачува Лирим Ќамили.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

