Словенија и Црна Гора ќе ги одмерат силите веќе во првото коло од групната фаза во Осло, дуел што ќе биде дополнително интересен ако се знае дека како ривали на спротивни страни ќе бидат двајца родени браќа, Миљан Вујовиќ на голот на Словенија и Саво Вујовиќ, кој е голманска опција кај Црногорците.
Миљан Вујовиќ влезе во комбинација по последната повреда на Клемен Ферлин, овој 25-годишен чувар на мрежата е роден во Цетиње, но уште од студентски денови е во Словенија, настапуваше за клубови во оваа земја пред да се пресели во Штутгарт во Бундес-лигата, а во меѓувреме доби и пасош на оваа држава.
„Имам говорено на оваа тема… Црна Гора е мојата татковина, но во Словенија сум од мали нозе и сега и неа ја чувствувам за моја земја. Секако дека ќе ми биде тешко, но ќе сторам се да останам со бистра глава и да помогнам да стигнеме до резултат. На братот му посакуваме успешно првенство, заслужи повик бидејќи бранеше во одлична сезона во првиот дел од сезоната“, истакна Миљан Вујовиќ.
Неговиот брат Саво е четири години помлад од Миљан, а интересно е што Саво Вујовиќ настапува во Словенија, во тимот на Шкофља Лока.
Братскиот дуел на ЕП 2026 ќе се игра во Осло на 16 јануари со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

