Родри јавно се пожали. Преморен сум, бројот на средби е преголем

Родри и оваа сезона е меѓу најдобрите фудбалери на Манчестер Сити, впрочем најдобар доказ за тоа е што Шпанецот пропушти само четири меча поради суспензија и „граѓаните“ ги загубија сите четири дуели на кои не можеа да сметаат на својот командант во средниот ред.

Шпанецот одигра одличен меч и на последниот дуел со Реал Мадрид, а по пресметката на „Сантијаго Бернабеу“ се пожали на пеколниот распоред во модерниот фудбал. Мечот во Мадрид беше вкупно 41. што Родри го одигра сезонава, трет од осумте што Манчестер Сити е предвидено да ги игра во текот на месец април. Тој е клучен играч во тактичките замисли на Пеп Гвардиола, но шпанскиот репрезентативец се пожали дека му е неопходен одмор.

„Преморен сум, бројот на средби што ги играме е огромен. Да бидам искрен, чувствувам дека ми треба одмор. Знам дека ситуацијата е таква, распоредот е згуснат, ќе мораме да најдеме некакво решение“, изјави Родри.

Она што е интересно, Манчестер Сити е без пораз на последните 66 средби во сите натпреварувања на кои Родри бил во тимот, па јасно е зошто Пеп не сака многу да експериментира без својот клучен играч, токму во најважниот дел од сезоната.

Се вчитува...