Реал Мадрид извлече три бода, а Чаби Алонсо се спаси од отказ на клупата на „кралевите“ со минималниот триумф 1-2 над Алавес на гостински терен. Реал одигра уште еден неубедлив меч, и можеше многу лесно да биде поинаку.
Килијан Мбапе со одличен удар успеа да го донесе Реал Мадрид во предност во 24. минута. Во финишот на првиот дел големи проблеми за „кралевите“ и одлична интервенција на Тибо Куртоа по обидот на Пабло Ибањез.
Карлос Висенте во 70. минута постигна убав гол и го израмни резултатот, носејќи проблеми за Реал Мадрид и Чаби Алонсо. Згора на тоа шанса имаше Алавес да дојде и до пресврт, меѓутоа не ја искористи.
„Егалот“ траеше само седум минути, откако по една одлична акција и супер проигрување од левата страна од Винисиус, Родриго стрелаше во мрежата на домаќинот, за ново водство за „кралевите“.
До крајот на мечот спорна ситуација кога Винисиус беше фаулиран во шеснаесетникот, но Реал не доби удар од белата точка. Имаше шанса и Белингем и Мбапе, но трет гол за Реал немаше.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

