Ројевиќ: Дојдов да работам во најсилната лига на Балканот, со Охрид ќе одиме трпеливо против најдобрите

Охрид ги стартуваше подготовките за новата сезона во ракометната Суперлига на Македонија под водство на новиот тренер Борис Ројевиќ.

Ројевиќ вели дека клубот во новата сезона влегува со многу ентузијазам и мотив за вистински успеси.

„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан“ – вели Ројевиќ и дополнува:

„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“.

Според српскиот стратег за него предизвикувачки е и тоа што ќе работи во најсилната лига на Балканот.

„Македонската лига е без сомнение најсилна на Балканот. Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“ – вели Ројевиќ.

Се вчитува...