Ројс: Ништо не е готово, можеме да дадеме три гола на секого во Дортмунд

Борусија Дортмунд се наоѓа во незавидна ситуација, бркајќи негатива од 3-0 по поразот на првиот натпревар со Тотенхем. Сепак, капитенот Марко Ројс ги предупреди противниците да не мислат дека работата им е завршена бидејќи Борусија поседува потенцијал да се врати во овој двомеч.

„Имаме одиграно многу натпревари на овој стадион каде имаме испишано историја, сега се наоѓаме во позиција кога треба да го постигнеме невозможното и да постигнеме најмалку три гола. За мене ништо не е готово, бидејќи можеме да дадеме три гола на секој ривал кога играме во Дортмунд, бодрени од нашите верни фанови. Најважно од се е да веруваме во себе, да дадеме гол во раната фаза од натпреварот… потоа се ќе биде возможно“ – истакна Ројс, кој поради повреда го пропушти првиот меч во Лондон.

Борусија Дортмунд загуби здив и во домашното првенство, каде „милионерите“ прокоцкаа девет бода предност во однос на Баерн Минхен, па сега се израмнети со лутиот ривал на врвот на табелата.

„Не сме задоволни од начинот на кој играме и од резултатите во Бундес-лигата. Загубивме поени каде што тоа не смееше да ни се случи, но извлековме поуки. Овој натпревар со Тотенхем е идеален за да покажеме дека сме свртеле нов лист“ – порача капитенот на „милионерите“.

Се вчитува...