Трансферот на Набил Фекир од Лион во Ливерпул пропадна во последен момент, а како што стојат работите „црвените“ ќе останат без уште едно посакувано засилување. Станува збор за Алисон Бекер, одличниот голман на Рома кој се наоѓа на врвот на листата со желби на Јирген Клоп, но кој во моментов делува прескапо за англискиот клуб.
Имено, „црвените“ веќе извесно време се во контакт со фудбалерот, кој изразил желба да дојде на „Енфилд“, па дури и најавил дека очекува сите шпекулации околу неговата иднина да се разрешат до крајот на оваа седмица. Сепак, проблем претставувааат високите барања на Рома, откако „волчицата“ инсистира на отштета од 90 милиони евра за услугите на бразилскиот репрезентативец, кој ќе биде прв голман на „кариоките“ на претстојниот мундијал.
Фактот дека интерес покажува и Реал Мадрид, а понуда најавува и Челси (доколку си замине Куртоа) придонесе италијанскиот клуб да ја крене цената за својот голман. Ливерпул понудил максимални 60 милиони евра и нема намера да ја надмине оваа сума, па како што стојат работите Клоп повторно ќе мора да бара „план Б“ за засилување како што тоа беше случај со пропаднатиот трансфер на Фекир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА