Преодниот рок заврши, а Рома не успеа да најде купец за Един Џеко, па управата и стручниот штаб на „волчицата“ решија да го „помилуваат“ босанскиот голгетер по конфликтот што го имаше со тренерот Фонсека. Џеко во последните осум дена не тренираше со првиот тим, а натпреварите ги следеше од трибините, по што се најавуваше негово сигурно заминување од „Олимпико“.
Сепак, ниту еден од заинтересираните клубови не беше подготвен да ја покрие платата на ветеранот од огромни 7,5 милиони евра по сезона, пропадна и опцијата за размена со Интер со Алексис Санчез, по што стана јасно дека Џеко најмалку до крајот на оваа сезона ќе остане во Рим.
По ваквиот развој на настаните, капитенот од денеска се врати на тренинзите на тимот, а според најавите тој ќе биде во комбинација за настап на претстојното дерби со Јувентус. Останува да се види реакцијата на тенерот Фонсека, кој најверојатно ќе го остави Џеко на клупата за резерви, па дуелот во Торино ќе го стартува со Борха Мајорал како најистурен во нападот.
Рома по двете победи во низа се искачи на третото место на табелата со шест бода заостанување зад лидерот Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

