Раководството на Рома утрово му врачи отказ на Жозе Мурињо, а се очекува во текот на денешниот ден и официјално да биде именуван и наследникот на протугалскиот стратег на „Олимпико“. Како што јавуваат португалските медиуми, челниците на Рома се решиле за клупска легенда за нов кормилар, па оваа одговорна функција ќе му биде доделена на Даниеле де Роси.
Поранешниот капитен на Рома беше дел од младинската академија на „волчицата“, потоа настапи и на 616 натпревари за првиот тим пред да ја заврши својата кариера. Де Роси веќе ги прифатил понудените услови од страна на раководството, а клучно било неговото прифаќање на договор само до крајот на сезонава, со можност за подолга соработка ако бележи добри резултати на клупата на „римската волчица“.
Именувањето на Даниеле де Роси претставува и сериозен ризик на римскиот клуб, ако се земе во предвид неговото скромно тренерско искуство. Тој беше асистент на Роберто Манчини при освоениот трофеј на ЕВРО 2020, но Де Роси не се прослави во првиот самостоен ангажман на клупата на СПАЛ. Тој беше именуван за тренер од овој второлигаш во октомври 2022, но доби отказ во февруари 2023 година откако забележа само три победи на 17 натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА