Италијанскиот калчолигаш Рома ги договори условите за ангажман на еден од најталентираните млади фудбалери во Серија А, Франк Кеси од Аталанта. Тој блесна во полн сјај оваа сезона, раководството на „римската волчица“ ги отпочна преговорите во зимскиот преоден рок, а на лето и дефинитивно треба да пристигне на „Олимпико“. На овој одличен играч за врска од Брегот на Слоновата Коска му се предвидува блескава иднина, а веќе го нарекуваат новиот Јаја Туре, со тоа што е и многу побрз од него.
Рома ги договорила сите детали околу трансферот. Кеси ќе дојде на едногодишна позајмица поради проблемите што римскиот клуб ги има со финансискиот фер-плеј, а во 2018 година автоматски ќе биде потпишан перманентен договор за сума од 28 милиони евра, кој ќе го обврзе да остане во наредните пет години. Кеси ќе добие годишна плата од 1,4 милиони евра, со клаузула таа расте во наредниот период, во зависност од неговите игри и успесите на тимот.
За Франк Кеси беа заинтересирани и Јувентус, Интер, Челси, Арсенал и Манчестер јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА