Стартот на новата сезона во Калчо-лигата е се поблиску, а новиот тренер Џампјеро Гасперини е незадоволен од активностите на пазарот откако „волчицата“ не доведе доволно квалитет во навалната линија за да може да се бори за висок пласман.
Тој неодамна и јавно ги критикуваше клупските директори, што беше причина Рома да тргне во офанзива за два потписа, и тоа двата од англиската Премиер-лига.
Џејдон Санчо е голема желба на Гасперини, кој верува дека може да го извлече најдоброто од поранешниот англиски фудбалски бисер. Дури е постигнат и договор со Манчестер јунајтед овој трансфер да изнесува вкупно 20 милиони евра, но проблем претставува превисоката плата од 12 милиони евра по сезона што Санчо ја има загарантирано според договорот со „црвените ѓаволи“. Рома му понудила на Англичанецот петгодишен договор, но тој не сака да прифати намалување на платата, што римскиот клуб дефинитивно не може да ја израмни со Јунајтед, па доколку англискиот гигант не покрие дел од разликата овој трансфер ќе пропадне.
Во напредна фаза се преговорите за Леон Бејли, за репрезентативецот на Јамајка во следните денови да се пресели од Астон Вила на позајмица во Рома. „Волчицата“ ќе плати три милиони евра за позајмицата, а ќе има можност следното лето да го откупи договорот на Бејли за дополнителни 20 милиони евра.
Крилниот офанзивец пред неколку сезони блескаше во дресот на Баер Леверкузен, но не се снајде во Премиер-лигата, минатата сезона имаше прескромни еден гол и две асистенции, па јасно е зошто челниците на Астон Вила прават се за да се ослободат од него во текот на овој преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

