Новиот тренер Џампјеро Гасперини од самото доаѓање во Рома јасно стави до знаење дека му е неопходен нов напаѓач во тимот, а управата на „римската волчица“ му ја исполни желбата на искусниот стратег.
Ирскиот репрезентативец Еван Фергусон е нов голгетер на Рома откако римскиот клуб постигна целосен договор со Брајтон. Фергусон ќе пристигне на „Олимпико“ на едногодишна позајмица, а италијанскиот клуб ќе има можност следното лето да го откупи целосно неговиот договор со премиерлигашот за сума од 38 милиони евра.
Станува збор за неверојатно перспективен фудбалер кој како тинејџер имаше блескави партии за Брајтон под водство на Де Зерби. Сепак, откако Италијанецот си замина од клубот новиот тренер не му ја даде потребната минутажа на Фергусон, кој на крајот беше испратен и на позајмица во Вест хем, но ниту таму не доби шанса да влезе во натпреварувачки ритам.
Гасперини важи за тренер што сака да работи со млади играчи и да го вади максимумот од нив, па интересно ќе биде да се види дали „стариот лисец“ ќе успее да создаде гол-машина од 20-годишниот Фергусон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

