Рома само до бод, Лацио до цел плен на стартот од сезоната

Фудбалерите на Рома не успеаја да стигнат до посакуваниот триумф на стартот од новата калчолигашка сезона, откако „волчицата“ одигра само 0-0 на гостувањето на Сардинија против Калјари.

Фаворитската улога не беше оправдана бидејќи римјаните налетаа на максимално мотивиран противник, Калјари целосно парираше и со малку среќа можеше да стигне и до цел плен. Пелегрини промаши убава шанса во 55. минута, Довбик биеше во гредата, тренерот Де Роси во вториот дел го уфрли и Пауло Дибала, но „волчицата“ не успеа да стигне до победнички погодок на овој натпревар.

Лацио триумфално ја почна новата сезона славејќи со 3-1 на домашен терен против Венеција. Гостите први поведоа на „Олимпико“ кога Андерсен стрелаше прецизно во третата минута, но само осум минути подоцна „лацијалите“ израмнија преку Кастелјанос. Римските фанови имаа причина за славје пред крајот на првото полувреме кога Закањи погоди од пенал за водство од 2-1, а конечните 3-1 беа дело на Алтаре, кој ја затресе сопствената мрежа и на тој начин го реши прашањето на победникот.

Се вчитува...