Рома игра слабо во текот на оваа сезона, моментно се наоѓа на седмото место на табелата, надвор од „зоната за Европа“, но Жозе Мурињо не треба да стравува за својата работа. Весникот „Кориере дело спорт“ денеска објави дека Португалецот дефинитивно ќе остане на чело на „волчицата“ бидејќи управата на клубот „слепо му верува на Мурињо“.
Семејството Фридкин, кое по купувањето на Рома бараше врвен стратег за отпочнување на нов циклус во клубот се уште е убедено дека Мурињо е вистинскиот избор. Иако резултатите не се на посакуваното ниво, исто како и нивото на игра, американските сопственици се оптимисти дека токму Жозе е стратегот што ќе го врати клубот на посакуваните патеки.
Иако излез во фудбалска Европа е зацртана цел, Мурињо би останал на „Олимпико“ дури и доколку тоа не се случи. Исто така, Португалецот би ја имал поддршката на клубот во потрагата на нови фудбалери, се со цел да биде склопен силен колектив според замислите на трофејниот стручњак.
Според „Кориере дело спорт“, Жозе е во чест контакт со највисокото раководство на клубот, од кое ја чувствува целокупната поддршка, па отказ на Мурињо не е опција најмалку до крајот на сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА