Рома заврши голема работа – клучен играч потпишува нов договор со „волчицата“

Раководството на Рома конечно успеа да најде заеднички јазик со Миле Свилар, по што одличниот голман е подготвен да потпише нов договор со „волчицата“ со која ќе остане дел од овој клуб до 2030 година.

Свилар имаше одлична сезона во која беше еден од најдобрите во дресот на Рома, па неслучајно управата правеше се за да го задржи што подолго на „Олимпико“. Во преговорите на крајот се вклучи и екс-тренерот Клаудио Раниери, кој сега е советник на челниците на Рома, по што беше најден компромис – а Свилар ја прифати понудата за плата од три милиони евра годишно, што со неколку клаузули може да порасне и до четири милиони.

„Ова е работа на директорот Гисолфи, јас немам преголем придонес. Само му се јавив на момчето, му објаснив дека градиме голем клуб, тој е амбициозен, но и интелигентен – препозна дека ја говорам вистината и ја прифати понудата“, изјави Раниери.

Неколку италијански клубови ја следеа ситуацијата со Свилар чекајќи разврска доколку реши да си замине од Рим, а Галатасарај беше единствениот тим со конкретна понуда за голманот, што беше експресно одбиена од страна на раководството на „римската волчица“.

Се вчитува...